19 Март 2018

„По цена на кариерите ќе ја браниме младинската сцена“

via https://sdk.mk/index.php/kultura/po-tsena-na-karierite-ke-ja-branime-mladinskata-stsena-velat-akterite-od-teatarot-za-detsa-mladintsi/

По безмалку три години, в среда во Театарот за деца и младинци (ТДМ) ќе има премиера на младинска претстава, „Еднаш свет изградив“ по текст и режија на Јане Спасиќ, по мотивите на романот „Сидарта“ од Херман Хесе. В. д. директорката на ТДМ Катарина Илиевска- Силјановска и колегите со голема радост ја најавуваат новата премиера од младинската сцена, за која трудољубиво и посветено работеа со години за воопшто да стартува.

Досега беа поставени „Нашиот клас“ и „Заспаниот разум раѓа чудовишта“ во режија на Владимир Милчин, како и „Животинска фарма“ на Александра Кардалевска.

Проблемите со младинската сцена почнаа во 2015, кога вработените реагираа дека тогашниот директор Братислав Димитров ги опструира младинските претстави, не ги рекламира, ги откажува во последен час што резултираше со нивно симнување од репертоарот бидејќи, како што велеше тој, „не биле доволно посетени“.

По притисокот во јавноста од актерите и режисерите, како и изјавата на тогашната министерка за култура Елизабета Канческа- Милевска дека младинската сцена мора да опстои, Димитров рече дека ќе им даде шанса на тие претстави.

„Младинската сцена беше актуелна и по арно и по лошо, се појавија многу прашања и сомнежи за таа сцена, но јас немам никакво сомнение дека после нас доѓаат генерации кои нема да имаат дилеми дека таа сцена треба да постои. Сѐ додека во ТДМ постои актерско јадро, актерска критична маса која е спремна да опстои младинската сцена, дури би рекол по цена на сопствените актерски кариери, нема дилеми дека младинската сцена е исправната насока кон која оди овој театар“, рече актерот Драган Довлев.

Симона Спировска вели дека „Еднаш свет изградив“ не е нов почеток на младинската сцена, туку нејзино продолжување.

„Младинската сцена е континутиетот кој порани го немало. Таа е преминот од детските претстави во претставите од другите театари, и ја пополнува токму таа, условно речено дупка. Важно е да постои и да ги отвора прашањата, со кои децата, т.е. младинците се соочуваат или ќе се соочуваат. Затоа се важни тие претстави кои досега ги имаме направено“, рече Спировска.

Илиевска-Силјановска најави дека претставата од младинската сцена, како што и беше пракса во изминатите години, ќе игра во средите, и дека за неколку месеци ќе бидат вратени и останатите младински проекти.

Во интервју за САКАМДАКАЖАМ.МК лани во ноември, таа рече дека репертоарот во ТДМ  не трпи и покрај тоа што двајца актери заминаа во други театари, а други двајца се на други работни позиции. Владимир Лазовски стана заменик-министер за култура, и неговото работно место е во мирување.

„Многу е тешко, но се снаоѓаме. Лазовски има целосно право да не игра во Театарот, но ни излегува во пресрет и нѐ замоли, да игра исклучиво за викенд. Тоа пак, ни е проблем за двете младински претстави, кои се играат само во средите, а каде тој има две големи улоги. Ќе видиме, или ќе бараме замена или ќе го замолиме да ни излегува во пресрет. Колегите ја сакаат таа сцена и ќе направам сѐ за да ја вратиме, затоа што многу се боревме да ја создадеме“, изјави тогаш в.д. директорката Илиевска-Силјановска.

Претставата „Еднаш свет изградив“ е наменета за публика над 15 години, а во неа играат Драган Довлев, Ненад Митевски, Наташа Петровиќ, Симона Спировска, Бојан Кирковски и деветгодишниот Михаел Стојановски.

Б. НЕСТОРОСКА

FaLang translation system by Faboba

Месечен репертоар

Март 2024
П В С Ч П С Н
1 2 3
4 5 6 7 8 9 10
11 12 13 14 15 16 17
18 19 20 21 22 23 24
25 26 27 28 29 30 31

Маркетинг