Нашиот клас

  • Сцена: Младинска
  • Времетраење: 145 минути (пауза)
  • Премиера: 30.04.2014
  • Возраст: 14+
{JEVK2EMBED}

Режија: Владимир Милчин
Автор: Тадеуш Слобоѓанек

„Наоколу стоеше толпата. Сите до еден познати. Соседи. Гледаа. Се мајтапеа“,
Дора во „Нашиот клас“, Лекција IX

ДРАМАТА: Група ученици, Евреи и католици, ги откриваат своите амбиции: еден сака да биде пожарникар, друг филмска ѕвезда, еден пилот, друг лекар. Ја учат азбуката. Полска, 1925. Како што децата растат, нивната земја ја распарчуваат странски војски, првин советската, а потоа нацистичката. Додека национализмот незапирливо се шири, внатрешните неправди се продлабочуваат; пријателите се предаваат едни со други; насилството ескалира. Антисемитизмот избувнува во серија силувања, убиства, мачења, за да кулминира во масовен погром, несекојдневен и монструозен чин кој тегобно одѕвонува до ден-денес. Убиени се речиси сите локални Евреи, спалени во амбар или убиени на градскиот плоштад. Само неколкумина успеваат да преживеат. Насилството не запира со крајот на војната. Започнува расчистување со минатото, но тоа е невозможна задача. Авторот се соочува со учеството на неговата земја во ѕверствата на минатиот век и ги следи соучениците низ времето – низ свадби, паради, раѓања, умирања, емиграции и помирувања. Нашиот клас, кој Слобоѓанек го објавува во 2009 година, е потресна приказна за комплицираните полско-еврејски односи во 20 век, за колективниот срам, за вистината која никому не е потребна и за историјата на која не може да ѝ се суди, не може да се реконструира, ниту, пак, може да се објасни. Драмата беше номинирана за престижната полска книжевна награда Нике за 2010 година, а Европската театарска конвенција ја рангира меѓу најдобрите современи европски драмски текстови напишани во 2009 и 2010 година.

АВТОРОТ: Тадеуш Слобоѓанек е драмски писател, режисер и театарски критичар. Роден е на 26 април 1955 година во Јенисејск, Сибир, но набргу по неговото раѓање, неговото семејство се враќа во Полска и се населува во Бјалисток. Завршува театарски студии на Јагелонскиот универзитет во Краков. Како театарски критичар, своите рецензии ги објавува, под псевдонимот Јан Коњецполски, во краковското двонеделно списание Студент и во неделникот Политика. Како драмски писател дебитира во 1980 година во Куклениот театар во Бјалисток. Од 2010 година Слобоѓанек работи како директор/режисер на варшавскиот Театар на Воли, каде што е праизведен Нашиот клас во режија на Анжеј Списак. Во мај 2012 е именуван за директор на Драмскиот театар Густав Холобек. Од 2001 Слобоѓанек е ангажиран како предавач на Лабораторијата за репортажа на Одделот за новинарство при Варшавскиот универзитет.

МУЗИКАТА: Марјан Неќак ја напиша музиката за сонговите „За сирачињата/Маријана“ и „Ѕвезда самотница“, со кој завршува претставата. Претставата започнува со песната „Детски години“ од Мордехај Гебиртих, поет и композитор, убиен од нацистите во гетото во Краков во 1942. Инструменталното „Танго на смртта“ било изведувано од логорашкиот оркестар во нацистичкиот концлогор Јановски во Украина. Музичката партитура на претставата е составена од современа клецмер-музика од повеќе изведувачи. Во паузата меѓу првиот и вториот дел ја слушаме песната Једвабне од Гери Лукас, потомок на рабинот Абрам Пјекарж. Целото семејство на Гери Лукас од мајчина страна било убиено во Једвабне.

ПОГРОМ: Погром е изблик на масовно насилство врз малцински верски, етнички или општествени групи. Обично подразбира подбуцнување и контрола од централните власти, или, во најмала рака, пасивност на локалните власти. Терминот влегол во широка употреба по немирите од 1881 и 1882 година во Руското Царство. Иако стандардниот руски бирократски термин за масовни немири бил беспорјадки (безредија), поради повремената употреба на зборот погром за опишување на настаните од 1881 и 1882, тој станал популарен на Запад. Оксфордскиот англиски речник бележи дека тој прв пат бил употребен во лондонски Тајмс од 17 март 1882 („Дека погромите [побуните против Евреите] мора да запрат...“), дефинирајќи го зборот како „организиран масакр во Русија заради уништување или истребување на која и да е група или класа: првично, и особено, применуван за оние што биле насочени кон Евреите“. Употребата на терминот погром за да се опише секој напад врз Евреи низ историјата ја прикрива големата варијација во размерите, природата, мотивацијата и намерата на таквото насилство во различни периоди. Положбата на Евреите како религиозни, општествени или политички „други“ ги прави погодна цел за насилство во Источна Европа за време на периодите на политички немири и социјални превирања. Козачкото востание против полското владеење во Украина во 1648, на пример, ги посочило Евреите како религиски туѓинци, а и како агенти на полскиот феудален систем. Во 19 и 20 век, погроми се случувале во полските погранични области со Австрија, Германија и, особено, со Руското Царство, каде што сложената општествена, политичка и економска матрица ги комплицирала меѓуетничките односи.

Погромот во Једвабне за кој зборува Нашиот клас се случил во јуни 1941 година. Според полските власти, убиени се 340 Евреи, а неофицијалните бројки одат до 1600. Последниот погром во Полска се случил по војната, во Кјељце во 1946. Во нападот врз Центарот на еврејската заедница,инициран од полските комунистички вооружени сили, а спроведен од толпа локални жители, биле убиени меѓу 38 и 42 Евреи.

Сценографија:

Крсте Џидров

Костимографија:

Марија Пупучевска

Музика:

Марјан Нечак

Media

FaLang translation system by Faboba

Месечен репертоар

Март 2024
П В С Ч П С Н
1 2 3
4 5 6 7 8 9 10
11 12 13 14 15 16 17
18 19 20 21 22 23 24
25 26 27 28 29 30 31

Маркетинг